Потрошувачите во Грција се соочуваат со невиден скок на цените на месните производи, при што некои видови месо се зголемија за до 50% за само една година.
Трговците и сточарите предупредуваат дека цената на говедското месо може да достигне незамисливи 20 евра за килограм во наредните месеци, објавија грчките медиуми.
Остриот скок доаѓа во услови на тешка криза во сточарскиот сектор во земјата, кој е „на колена“ поради недостаток на владина поддршка, промени во земјоделската политика и сериозни проблеми со болести кај животните.
Најдрастичното зголемување е кај цената на говедското месо. Според податоците објавени во грчките медиуми, цените на некои основни производи драматично се променија во текот на изминатата година:
Свеж говедски џигер (увоз): од 5,98 евра на 8,98 евра (+50,17%)
Свеж говедски филе (увоз): од 7,98 евра на 11,98 евра (+50,13%)
Свежо телешко (увоз): од 10,98 евра на 14,98 евра (+36,43%)
Пилешки бело месо: од 6,98 евра на 8,98 евра (+28,65%)
Во исто време, имаше мало намалување на цената на некои видови свинско месо, при што свинскиот бут се намали за над 22%. Сепак, ова не може да ја компензира целокупната слика за зголемувањето на цените.
Главните причини за ценовната криза се сложени. Тие вклучуваат намалено производство на говедско месо низ Европската Унија и силна побарувачка од трети земји, како што се Обединетите Арапски Емирати.
Но, состојбата на локалното сточарство е исто така клучен фактор. „Ние сме земја која може да покрие само 15%-20% од нашите потреби, па затоа како производители не можеме да ја одредиме цената на говедското месо. Таа се одредува со увоз“, изјави за грчките медиуми Димитрис Махаиридис, сточар и месар.
Ситуацијата ја влошуваат и епидемии како што се овчјите сипаници, кои ги принудија властите да убијат илјадници животни, што се очекува да го намали производството на месо за повеќе од 30% до 2025 година и да доведе до уште поголем дефицит и нови рекорди на цените.


