Изгорените објекти ќе бидат најбргу што може изградени, производните линии итно консолидирани, а сите вработени ќе ги задржат своите рабтни места, се огласија од компанијата по катастрофалниот пожар.
Макпрогрес останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата. Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа.
Од компанијата им се заблагодаруваат на сите кои учествувале во гаснењето на пожарот и жалат за оние кои во најдобрата намера се здобиле со повреди.
На сите сили кои учествуваа во справувањето и гасењето на пожарот им упатуваме огромна благодарност за нивната храброст и пожртвуваност. Пожарот и после 27 часа од избувнувањето е сè уште активен на две места со помал интензитет и според надлежните служби нема ризик за дополнително проширување. Благодарност до сите институции, пожарникари од повеќе градови, доброволни пожарникари, медицински екипи, полиција, Црвен крст, Стопанската комора, бизнис заедницата, локалните власти, доброволците, граѓаните и сите кои на било кој начин дадоа свој придонес и помош.
Во следните денови ќе упатиме посебни благодарности до сите кои учествуваа во интервенцијата, потенцираат од компанијата.


