Мишел Бурда (59) исчезна на 1 август додека нејзиниот сопруг Крис (66) спиел на плажата Офринио. Според полицискиот извештај, нејзината облека била оставена на плажата, а кога Крис се разбудил, неговата сопруга ја немало никаде.
Двојката од Глазгов била на двонеделен одмор.
Крис откри во петокот дека полицајците конечно го пронашле телото на неговата сопруга на малиот, приватен остров Фидониси, околу 40 километри од брегот каде што последен пат била видена, објавува „Мирор“.
Телото сè уште не е официјално идентификувано, но полицијата верува дека е на Мишел поради костимот за капење што го носела во времето на исчезнувањето. Крис рече дека нејзиното тело е пронајдено без глава, полуголо и делумно изедено од риби. Полицајците му рекле дека се 99% сигурни дека е таа.
„Го пронајдоа нејзиното тело. За жал, тоа е она што го очекував. Проблемот е што пристанишната полиција не ја започна потрагата до доцна во ноќта и не знам каков ефект имаше тоа. Рекоа дека не можат да ја најдат, рекоа дека исчезнала со непознат маж, но тоа е глупост“, рече Крис.
Разочараниот човек верува дека полицијата реагирала доцна, додавајќи дека им биле потребни три часа за да напишат извештај за исчезнато лице пред да почнат да ја бараат наутро.
„Рекоа дека нема знаци дека се удавила, дека нема тело, дека следи некој друг. Но, знаев дека тоа не е случај. Таа немаше да замине без пари, очила или лекови“, додаде тој.
Крис претходно ги опишал своите последни моменти со Мишел детално, велејќи дека таа била доста среќна денот пред да исчезне. Тој ден, тие отишле на брзо пливање бидејќи било ветровито, а морето било бурно. Потоа, се опуштиле на лежалки.
Сопругот на починатата жена поднел жалба за однесувањето на полицијата. Тој исто така рече дека му се смееле кога очајно молел за помош откако забележал дека Мишел ја нема. Паничниот сопруг го прашал келнерот во ресторан на плажа дали ја видел Мишел и тврди дека му се потсмевале пред да успее да ги убеди да повикаат полиција.


