Британскиот луксузен синџир за накит „Vashi“, кој должеше 195 милиони евра, преку својот основач Ваши Домингез ги измами инвеститорите. Компанијата прикажувала лажни приходи, вработените се претставувале како клиенти, а залихите биле речиси безвредни.
Во 2023 година, „Vashi“ пропадна, а инвеститорите ги загубија сите вложени средства. Компанијата имала долг од 170 милиони фунти (195 милиони евра), а залихата на дијаманти, проценета на 157 милиони фунти (180 милиони евра), всушност вредела само околу 100.000 фунти (115.000 евра). Основачот Ваши Домингез, кој со својот шарм и гламур ги убедил бизнисмените, милионерите и познатите личности, исчезна без трага. Полицијата и Канцеларијата за сериозни измами (SFO) не го истражуваат случајот. За измамата известуваше BBC Panorama – истражувачка документарна серија која открива вистината зад важни приказни.

Домингез стана познат како трговец со дијаманти за богаташи. Се појави во емисијата „This Morning“ на ITV, каде разговараше со Холи Вилоби и Филип Скофилд, држејќи кристално јајце за кое тврдеше дека вреди пет милиони фунти и дека го продава на милијардер во Канада. „Ваши е многу динамичен и харизматичен лик,“ изјави Вил Хејвард, поранешен менаџер на продавница на „Vashi“.
Своите идеи ги поткрепил со обемни бизнис планови и финансиски извештаи кои лажно прикажувале успешност. Меѓу измамените се и познати бизнисмени како Клајв Шли (поранешен директор на „Pret a Manger“) и милијардерот Џон Кодвел.
Според BBC, зад фасадата на луксузот се одвивала измама. Вработените откриле дека биле принудени да се преправаат дека се клиенти за продавницата да изгледа полна кога ќе дојдат инвеститорите. Продавачи без никакво знаење седеле зад пултот и се преправале дека се јувелири. „Совршена фасада,“ вели Хејвард.

Дополнително, купувачите биле измамени – дијамантите често биле со полош квалитет од оној наведен на сертификатите, а вистинските ознаки биле избришани.
Најголемата измама била во финансиските книги. Во 2021 година, компанијата прикажала приходи од над 100 милиони фунти (114 милиони евра), додека реалните приходи биле само пет милиони. И покрај финансиските проблеми, Домингез живеел раскошно – возел „Lamborghini“ и живеел во луксузни лондонски станови, чии кирии ги плаќала компанијата.
Во април 2023 година, „Vashi“ банкротира. Инвеститорите биле шокирани, но уверени дека нивните средства се безбедни, бидејќи во февруари добиле проценки дека залихата на дијаманти вреди 157 милиони фунти. Но, кога експертите ја провериле залихата, откриле дека речиси и да нема дијаманти.
Стечајниот управник Бенџи Дајмант изјави за BBC дека компанијата должи 170 милиони фунти, а на инвеститорите над 100 милиони. Домингез исчезнал. Според банкарските извештаи, тој на денот кога судот наредил ликвидација, отпатувал за Дубаи. Ангажирани биле приватни истражители кои го виделе, но не успеале да добијат конкретни информации за неговата локација.
Изненадувачки, британските власти не го истражуваат случајот. Полицијата и SFO ја избегнуваат одговорноста, а инвеститорите се бесни. Тие велат дека случајот се префрлувал меѓу институциите, додека SFO конечно не изјавил дека случајот не е доволно сложен за да го преземат.
Иако се убедени дека Домингез украл милиони, банкарските извештаи не покажуваат големи трансфери на средства кон странски сметки. BBC известува дека сè уште не е јасно дали станува збор за однапред испланирана измама или за претприемач кој во паника потонал заедно со својот империум.
Инвеститорите веруваат дека Домингез извршил совршен злостор и побегнал со богатството. Со помош на гламур и сјај, привлекол десетици милиони фунти од инвеститори. На крајот, исчезнаа и тој и парите.


