Германскиот регулатор за заштита на потрошувачите поднесе тужба против американскиот прехранбен гигант Mondelez, со образложение дека го намалил пакувањето на чоколадите Milka од 100 на 90 грама, но не ја намалил и нивната цена.
Регионалниот суд во Бремен потврди за новинската агенција dpa дека тужбата ја поднела здружението за заштита на потрошувачите од Хамбург, обвинувајќи го Mondelez за нелојална конкуренција и измама на купувачите.
„Многу потрошувачи со години ја купуваат Milka во исто пакување и претпоставуваат дека тежината на производот не се променила“, изјави Армин Валет од здружението.
„Тие се жртви на измама, бидејќи многу варијанти сега тежат само 90 грама, а цената е иста или дури и повисока“, додаде Валет.
Намалувањето е речиси незабележливо – самата чоколада е потенка за еден милиметар, со ист дизајн и амбалажа.
Новата тежина е наведена на предната страна од пакувањето, но во многу случаи е испишана со ситни букви и е заклонета на полиците во супермаркетите.
Регулаторот бара појасни ознаки и предупредување за потрошувачите најмалку шест месеци пред да се промени пакувањето.
Mondelez ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека транспарентноста во комуникацијата со потрошувачите им е главен приоритет.
„Новата тежина е јасно наведена на амбалажата“, изјави портпаролката на компанијата, додавајќи дека Mondelez ги информирал купувачите преку социјалните мрежи и дека целосен преглед на големините и тежините на производите е достапен на интернет.
Компанијата немала избор и била принудена да ја промени грамажата поради зголемени трошоци за синџирот на снабдување и состојките, додаде портпаролката, нагласувајќи дека цените на какаото речиси се утроиле во последната година и достигнале рекордни нивоа.
Судот ќе му даде можност на Mondelez да одговори на тужбата пред да одлучи дали ќе закаже рочиште, изјави портпаролката на судот.



