Министерството за образование и наука има милионски долгови, недовршени студентски домови и скапани учебници во магацини, стои мегу другото во Извештајот на Државниот завод за ревизја за 2023 година.
„Ревизијата покажа дека Министерството за образование и наука повеќе од една деценија не презело никакви мерки за наплата или отпишување на студентските кредити доделени во периодот 1998–2010 година. Овие долгови се проценуваат на околу 18 милиони евра и сè уште стојат заведени во книговодството како „долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“, вели Извештајот.
Проблеми се утврдени и кај програмите за изградба и за реконструкција на училиштата, наведуваат од Државниот завод за ревизија но длабоки финансиски реперкусии има и во делот на стипендирањето.
„Во 2023 година, за стипендии на студенти, запишани на еден од првите 100 универзитети во странство, биле исплатени средства во износ од 2. 920.000 евра. Со ревизијата беше утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефекасно користење на вложените средства за оваа намена“, се вели во соопштението на ДЗР.
Проект „500 книги“ е еднаков на 13 милиони фрлени евра , книгите стојат во магацин и дел се оштетени.Ревизијата откри сериозни недостатоци во реализацијата на проектот „Превод на 500 стручни и научни книги“, за кој државата од 2012 до 2021 година потрошила речиси 13,3 милиони евра. Наместо книгите да бидат дистрибуирани до државните институции и до факултетите, тие сè уште стојат во магацин, вели ревизијата. Ревизорите дадоа препораки до надлежните институции за преземање мерки и активности со цел подобрување на состојбата.


