Во понеделник навечер, српската полиција употреби шок-бомби за да растера неколку стотини граѓани кои по комеморацијата на железничката станица се упатија кон универзитетскиот кампус во Нови Сад. Настанот беше дел од одбележувањето 10 месеци од трагедијата во која загинаа 16 лица по уривањето на надстрешница.
Студенти и граѓани се собраа за да „чуваат факултетот“, но кај Факултетот за спорт и физичко образование ги пречека полициски кордон. Жандармеријата интервенираше со шок-бомби, а дел од полицијата стигна и до Филозофскиот факултет, каде веќе една недела престојуваат по повик од деканот.
Студентите на Медицинскиот факултет објавија дека кампусот е „окупиран“, а автономијата на универзитетот е нарушена. Имало и инцидент кога деканот на DIF со полиција и маскирани лица насилно влегол во зградата за да прекине студентска блокада.
Комеморативната шетња заврши со положување венец пред урнатата надстрешница. Настанот го поддржаа средношколци, моторџии и земјоделци. Граѓаните бараат одговорност од властите и распишување избори.


