Спортското планинарско друштво “ПРОБИШТИП” по повод 28-ми Август – Денот на рударите, верскиот празник Успение на Пресвета Богородица и празникот на градот Пробиштип на 31 август 2025 година (недела) а во сеќавање на својот починат член, планинар и другар Слободанче Монев – Данче организира:
Планинарска акција ,,РУДАРСКА ПАТЕКА”
„Рударска патека“ или „Патеката на рударите“ е рекреативна планинарска патека посветена на трнливиот пат на првите рудари кои работеле во рудникот „Добрево“.
Оваа патека го обележува патот на оние рудари кои масовно доаѓале од подалечните краеви на паланечките села и околните пробиштипски села.
„Патеката на рударите“ претставува почит кон тешката егзистенција на сите овие храбри луѓе од минатото кои ги поставиле темелите и го започнале индустрискиот развој на градот Пробиштип.
Должина на патеката 25 km, искачување 1000+ метри, потребно време 9 часови.
Стартот е во с.Мождивњак (Крива Паланка) на 690 мнв, попатно се поминува с.Нежилово и се искачува околу 700 m до местото Лисец 1380 мнв. од каде почнува спуштањето до с.Близанци, од каде што по шумска патека се движи кон с.Добрево (Општина Пробиштип) 698 мнв. и акцијата завршува во кругот на рудникот.
Патеката поминува низ три општини Крива Паланка, Кратово и Пробиштип, акцијата е тешка и напорна исто како и работата и егзистенцијата на рударите.
СРЕЌНО


