На оваа тема ретко кој знае повеќе од Артур Брукс, професор на Харвард, кој ги сподели следниве совети.
Харвардскиот професор Артур Брукс објаснува зошто дисциплинираниот начин на размислување е клучен за среќата. Среќата не е нешто што се чувствува веднаш наутро, особено не при будење. Често се будиме уморни, раздразливи и нервозни, но радоста и позитивноста се пракса која може да се научи — и ретко кој знае повеќе за тоа од Артур Брукс.
Неговата експертиза во областа на животната среќа е толку популарна што неговиот курс за среќа на Универзитетот Харвард е предметот со најмногу студенти на светски познатата бизнис школа. „Имам околу 180 студенти, а повеќе од 400 се на листата на чекање“, изјави за HELLO!.
Разбирањето како да се негува посмислен, радосен и задоволен начин на живот никогаш не било поважно, а Брукс верува дека за тоа можеме да „благодариме“ на социјалните мрежи.
„Не им препорачувам на моите студенти целосно да се откажат од социјалните медиуми — затоа што ни јас не го правам тоа — но им велам дека мора да се обидат да го ограничат времето пред екран, да не го започнуваат денот со мобилен и да следат само профили кои ги прават среќни.“

Тој се повикува на студија на LG Electronics, која покажала дека половина од почетните страници на социјалните мрежи содржат повеќе негативна отколку позитивна содржина, што ги зголемува нивото на анксиозност и незадоволство. Брукс верува дека тоа е уште една причина зошто дисциплинираната утринска рутина е толку важна. „Ве ослободува од телефонот и ви го организира денот“, истакнува тој.
„За да бидете посреќни, треба да направите 3 работи — и тие не вклучуваат преземање апликација или земање апче.“ Трите чекори на Артур се: учење за науката за среќата, подобрување на навиките и придржување до одлуките за промена на начинот на живот.

„Станува збор за воспоставување научно потврдени протоколи кои, знам, ми даваат мене и вам основа врз која можеме да ја градиме нашата среќа.“
1. Разбудете се додека надвор е сè уште темно
„Дисциплината е сè. Не станува збор за традиционална грижа за себе, која обично значи релаксација со бања или свеќи… Не. Грижата за себе не е лесна. Таа е дисциплина во работи кои навистина функционираат и се навистина важни — и тоа започнува веднаш наутро“, објаснува Брукс. „Без разлика во која временска зона се наоѓам, станувам пред зори. Вежбам. Одам на миса. Секогаш го започнувам денот на ист начин.“
„Древната ведска наука, поддржана од модерната невронаука, наречена Брахма Мухурта, вели дека ако станете пред зори, ќе имате подобра ментална острина, креативност и фокус во текот на денот“, објаснува тој. „Да! Тоа значи дека треба да станете додека е сè уште темно. И знам, луѓето велат: ‘Јас сум ноќна личност’, а јас велам: Не, не си. Ти си утринска личност. Само си недисциплиниран.“
2. Прошетајте и активирајте го телото
„Најдобар начин да управувате со вашето расположение — кое е најинтензивно наутро кога хормоните на стрес се на врвот — е енергична физичка активност. Затоа станете пред зори и ‘удрете го’“, советува Брукс.
„За вас тоа може да биде прошетка, но за мене вистинскиот начин да се чувствувам добро е да се ставам во моето ‘среќно место’. Затоа станувам во 4:30, а од 4:45 до 5:45 напорно тренирам“, објаснува тој. „Многу отпор и многу високоинтензивни вежби навистина ми помагаат да ги контролирам хормоните на стрес и реакциите на анксиозност во текот на денот.“
3. Медитирајте и работете на душата
„По вежбањето, работам на душата. Јас сум традиционално религиозен, па секое утро од 6:30 до 7 одам на миса, што ми помага да го започнам денот смирено и фокусирано.“
За некој друг, вели Брукс, работата на душата може да значи медитација, водење дневник, слушање музика или дури и позитивно „сонување“ на социјалните мрежи. Секако, важно е содржината што ја консумирате да биде позитивна.
Иако повеќето од овие совети звучат напорно и бараат труд, никој не знае повеќе за оваа тема од Брукс — затоа вреди да се слушаат неговите препораки. Можете постепено да ги имплементирате и да видите дали навистина влијаат на вашето расположение. Но не заборавајте: дисциплината е клучна.


