Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски го повика Владимир Путин и го поттикна рускиот лидер да започне подготовки за самит со Володимир Зеленски, откако во вчера се сретна со украинскиот претседател и европските лидери во Белата куќа.
Предлогот, што Трамп го претстави како средба еден на еден меѓу лидерите на Украина и Русија, а по која би следела трилатерална средба со учество на сите тројцата – претставува најнов чекор во иницијативата на американскиот претседател за посредување во решавањето на конфликтот кој трае повеќе од три години.
Но, прво се постави прашањето дали Путин воопшто ќе прифати директни разговори. Советникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави само дека Трамп и Путин ја дискутирале оваа идеја.
Останува неизвесно дали дали оптимистичките пораки што доаѓаат од Вашингтон се вистински пробив кон мир или пак станува збор за стратешко обединување на Украина и нејзините сојузници.
„Јас го повикав претседателот Путин и почнавме подготовки за средба, на локација што допрва ќе се одреди, меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски. По таа средба ќе следува трилатерална средба, на која ќе присуствуваме сите тројца. Повторно, ова е многу добар почетен чекор“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.
Трамп потврди дека време и место за средбата сè уште не се договорени, додавајќи дека потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе работат на координирање на евентуалниот состанок.
Зеленски пред новинарите во Вашингтон изјави дека билатералната средба не треба да биде врзана со услови и дека токму Русија ја предложила идејата прво тој да се сретне со Путин, а потоа да се приклучи и Трамп. Украинскиот лидер нагласи дека е подготвен да разговара за територијалните прашања со својот руски колега.
Превземено: Блумбергадрија

