Силјаноска и Мицкоски во Штип. Денес 33-ти јубилеј на Македонската Армија во касарната „Јане Сандански“

0
68

 

Денес во касарната „Јане Сандански“ во Штип ќе се одржи централна прослава по повод 33-тиот јубилеј на македонската Армија.

Повеќе од три децении исполнети со преданост, самопожртвуваност, експертиза, храброст и решителност во служба на државата ќе бидат одбележани со соодветна програма и присуство на високи државни и воени лица.

Според агендата на свеченоста, со пригоден говор пред присутните ќе се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и командантот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

На главната свеченост ќе бидат наредени и новоименуваните 26 потпоручници и 149 подофицери.

За време на главната свеченост, претседателката Сиљановска-Давкова, како што извести Генералштабот на Армијата, ќе го награди со „Орден за воени заслуги“ Центарот за обука на питомци и офицери, кој е дел од Командата за обука и доктрини.
Се очекува на церемонијата да бидат присутни претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и команданти на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од различни институции во државата, воено-дипломатскиот кор во Република Северна Македонија и други.

Прославата на 18 август – Денот на македонската Армија започна во петокот (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот.

Превземено: Бизнисвести