Се појавиле приватни банкари – „трапезити“ – кои нуделе депозити и кредити на граѓаните.
Пасион, поранешен роб, станал успешен банкар и пример за приватно банкарство.
Кога ќе се спомене Античка Грција, прво на ум ни паѓаат филозофите и писателите, а не банкарите, иако токму тие одиграле значајна улога во нејзиниот развој.
Но, за да се развие во една од најголемите цивилизации на своето време, Античка Грција морала да има пари. Добар дел од тие средства доаѓале од нејзиниот финансиски систем, кој функционирал слично на денешниот – се засновал на кредити и меѓународни трансакции. Зад него стоела нова класа моќници кои издавале кредити на трговци за да го зголемат своето богатство.
Првите банкари биле свештеници
Во почетокот, старите Грци ги чувале своите пари во храмови, кои служеле како банки. Парите наводно биле заштитени од боговите, но и од дебелите ѕидови, во случај да им треба дополнителна заштита.
Бидејќи боговите не можеле да се занимаваат со собирање пари и преговарање со луѓето, улогата на посредници ја презеле свештениците. На почетокот само примале и депонирале пари, но подоцна сфатиле дека можат да ги „завртат“, па почнале да ги позајмуваат, најчесто на властите за финансирање големи проекти или водење војни. Самите ја одредувале каматата, доволно висока за средствата постојано да се зголемуваат. Така, делумно благодарение на „нивните“ средства, Атина влегла во своето златно доба – од 480 до 404 година п.н.е. Тој период се карактеризирал со политичка хегемонија, економски раст, културен процут, развој на демократијата и трговијата, како и зајакнување на Атинскиот поморски сојуз.

Појава на приватни банкари
Со ширењето на трговските патишта низ Медитеранот, старите Грци сфатиле дека им треба поинаков тип банкар – оној што ќе им служи на граѓаните, а не само на властите. Така се појавиле „банкарите зад трпеза“ (трапезити), кои на почетокот се занимавале главно со девизни работи. Но наскоро почнале да примаат депозити и да издаваат сложени кредити. Со тек на време, почнале да посредуваат и во плаќања меѓу луѓе што работеле во оддалечени градови.
Од роб до богаташ
Најилустративен пример за тоа како функционирал приватниот банкарски систем во Атина е човекот по име Пасион. Тој бил роб од Сирија кој започнал како банкарски службеник во популарното пристаниште Пиреја. Благодарение на својот талент за работа со пари, стекнал не само слобода туку и големо богатство.
Ја презел банката каде што работел и станал познат како најдобар банкар во Атина, кому му се обраќале и обични трговци и богаташи, па дури и државата. Финансирал и ризични потфати, како пловидба до Црното Море во потрага по жито.
Се вели дека имал мал удел во ненаплатливи кредити, што му овозможило да го прошири својот бизнис и во други активности. Отворил фабрика за штитови, кои често ги подарувал на војската. Потоа почнал да инвестира во недвижности, што значително го зголемило неговото богатство.
Во подоцнежните години, започнал да бара наследник. Иако имал два сина, го препознал талентот за финансии кај еден роб и му го препуштил бизнисот. Управувањето со работата го надгледувала неговата сопруга, која по смртта на Пасион се омажила за човекот кому му го оставил бизнисот, продолжувајќи да се грижи за семејниот имот. Наводно уништила и некои документи кои не ја поткрепувале приказната дека семејството на Пасион работело според прописите. Очигледно, познатата изрека „само не ме прашувајте како го заработив првиот милион“ важела и тогаш.
Управување со ризици
Финансиските алатки што ги развиле старите Грци – како позајмување со камата или концептот на државна благајна – послужиле како темел за изградба на модерниот финансиски сектор.
Банкарите како Пасион биле свесни дека позајмувањето пари е сложена работа што бара знаење надвор од математиката. Најуспешните имале талент за она што денес го нарекуваме „управување со ризик“. Имено, „банкарите зад трпеза“ знаеле како да проценат колку е ризичен кредитот и, според проценката, одредувале доволно високи каматни стапки за да го обезбедат својот бизнис.
Воделе многу детални евиденции за сите корисници на нивните услуги, како и договори кои со тек на време прераснале во правна рамка за регулирање на финансиските трансакции. Но она што ги издвојува е фактот дека ја популаризирале навиката на промет на пари, наместо нивно чување или вложување во недвижности.


