Која е најбогатата Босанка? Од опколено Сараево до незамислив луксуз

0
105

Санела Дијана Џенкинс е филантропка чие богатство се проценува на троцифрена сума.


Санела Дијана Џенкинс, родена како Санела Дијана Ќатиќ во 1973 година во Сараево, денес е синоним за успех, луксуз и хуманост.

Оваа претприемачка, филантропка и медиумска личност поминала неверојатен пат – од бегалка во војна до жена чие богатство се проценува на околу 300 милиони долари.
Опсадата на Сараево ѝ ја обележала младоста, особено трагичната загуба на нејзиниот помлад брат Ирнис, кој бил убиен неколку дена пред Дејтонскиот договор. Санела побегнала во Хрватска, а потоа во Лондон, каде што дипломирала компјутерски науки и економија на City University.


По студиите, во Лондон станала сопственичка на луксузната линија костими за капење Melissa Odabash, омилена меѓу светските ѕвезди. Во 2009 година се преселила во Калифорнија и ја основала Neuro Drinks – линија на функционални пијалаци која брзо стекнала глобална препознатливост. Покрај тоа, води и музичка издавачка куќа D Empire Entertainment.


Санела е позната по големи филантропски акции. Ја основала Irnis Ćatić Foundation во чест на нејзиниот покоен брат, која му помага на Медицинскиот факултет во Сараево. На универзитетот UCLA го покренала Human Rights Project, првата западна клиника за меѓународно право и човекови права. Помагала и на Хаити по земјотресот, во соработка со актерот Шон Пен, а активна е и во многу глобални хуманитарни иницијативи.

Пошироката јавност надвор од деловните и хуманитарни кругови ја запозна во 2022 година кога се приклучи на реалното шоу The Real Housewives of Beverly Hills. Иако учествуваше само една сезона, остави силен впечаток.
Била во брак со банкарот Роџер Џенкинс од 1999 до 2011 година, со кого има две деца. Во моментов е во врска со музичарот Ашер Монро, со кого има ќерка родена во 2023 година – која ја родила на 50 години.
Санела летувала во Хрватска во 2019 година, кога дала и ексклузивно интервју за IN магазин.


Иако живее во странство веќе повеќе од 30 години, сè уште добро го зборува јазикот.
„Овде доаѓам секоја година откако заврши војната. Моите деца сега зборуваат подобро од мене. Мене ми се изгуби малку книжевниот, повеќе е уличен“, објаснила таа.
Од овој дел од светот, во Америка ѝ недостига само една работа:
„Овие делови од светот имаат нешто што Америка го нема – овие делови имаат душа“, рекла таа.