Црногорската полиција распиша потерница и го осомничи 18-годишниот Андреј Танасковски, државјанин на С. Македонија за обидот за убиство на Марко Љубиша, познат како Кан (56), од Будва.
Полициската управа на Црна Гора истакнува дека нивните службеници, во соработка и координација со Вишото државно обвинителство во Подгорица, „по преземање на сеопфатни истражни и полициско-обвинителски мерки и дејствија, обезбедиле докази и го расветлиле кривичното дело обид за убиство извршено на 7 август 2025 година, во хотелскиот комплекс Маестрал во Будва“.
Според полициските податоци, Кан е висок член на криминалната група од Будва, која е тесно поврзана со криминалниот Шкаљарски клан.
Тој бил ранет пред осум дена, на базенот на хотелскиот комплекс во Пржно.
„Со преземање на бројни извидувачки, оперативни, тактички, технички, форензички и доказни мерки и дејствија во координација со Вишото државно обвинителство, полициските службеници брзо го идентификуваа сторителот на ова тешко кривично дело, имено А.Т. (18), државјанин на Северна Македонија. А.Т., користејќи огнено оружје на гореспоменатиот ден, испукал два проектили во правец на М.Љ., кој се здобил со телесни повреди во главата. По извршувањето на кривичното дело, А.Т. избегал во непознат правец“, соопшти Полициската Управа.
Оттаму објаснуваат дека на Љубиша веднаш му е укажана медицинска помош и дека по укажаната медицинска помош, тој е пуштен на понатамошно домашно лекување.
Според информациите на „Вијести“, тој користел лажен документ за идентификација во кој биле внесени податоците на српскиот државјанин Јован Галиќ, роден во септември 2006 година.
Тие истакнуваат дека службеници на Регионалниот безбедносен центар „Југ“, или нивниот Оддел за безбедност Будва, по налог на надлежното Вишо државно обвинителство, поднеле кривична пријава против Танасковски, поради сомнение за сторени три кривични дела – обид за убиство, недозволено поседување и носење оружје и експлозиви и фалсификување исправа.
Превземено: Вечер


