Кампањата Македонско најдобро, нашата традиција, наша гордост која ја спрведува Министерството за земјоделие е веќе започната, изјави денес министерот Цветан Трипуновски.
- „Целта на кампањата е практично да му дадеме епитет „македонско“ на земјоделските производи кои се со висок квалитет и потекнуваат од Македонија. Дополнителен ефект од кампањата се очекува да биде поддршка за македонските компании кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи, за да се види како тие компании вработуваат наши сограѓани – луѓе кои работат, заработуваат и ги хранат своите семејства.
Трето, и најважно, е да ја поттикнеме домашната економија, односно парите што ги трошат граѓаните да останат во нашата економија. Тоа практично значи заокружување на целиот процес“, изјави министерот Трипуновски.
За успешно спроведување на кампањата клучни се граѓаните кои треба да се одлучат да купуваат домашни земјоделски производи, но прашањето е, Што тие ке добијат за нив да ги купат?
- „Кампањата, всушност, има за цел да создаде јасна разлика и видливост меѓу она што е домашно – македонско производство – и она што е увезено. Потрошувачот треба да биде ставен во позиција каде што може да избере. Целта на кампањата е да го поддржиме домашното производство. Како што споменав, верувам дека имаме квалитетни земјоделски производи кои треба да бидат достапни за потрошувачите. Верувам дека ако отидете во маркет, нема да знаете кои производи се од Македонија, а кои се увезени – или од која земја потекнуваат, без да ги именуваме. Затоа, со оваа кампања, преку означување на цените и производите, граѓаните ќе бидат ставени пред избор – да можат свесно да одлучат што купуваат,“ истакна Трипуновски.
Кампањата го белжи својот почеток со тоа што низ маркетите веќе се делат флаери и друг материјал, а за краток период на различни начини, преку социјалните мрежи но и апликации граѓаните ќе бидат детално информирани за текот и нејзината содржината.


